ВМРО-ДПМНЕ најавува протести, марш и блокади поради „Рекет“

Од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат дека е можно да организираат демонстрации, протести, маршови, можеби блокирање на улици, блокирање на Парламентот околу случајот Рекет кој ја дрма македонската јавноста веќе еден месец. Ниту една идеја и начин на делување не е исклучен за да се симне оваа влада од власт, најавуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Игор Јанушев во интервју на Радио Слободна Европа вели дека се можни протести.

– „Ниеден начин на делување мислам на демонстрации, протести, протестни маршови, можеби блокирање на улици, блокирање на Парламентот, блокирање на институциите, значи буквално секој оној демократски начин на делување во моментов не се исклучува. Секако дека највисоките тела и органи на партијата, тука пред сè мислам на извршниот и на централниот комитет во следниот период ќе заседаваат и ќе одлучиме кој е најдобриот начин на делување за конечно симнување што е можно побрзо на оваа криминално-рекетарска влада”, вели Јанушев за Радио Слободна Европа.

Инаку, на 27 август, пак, кога пратениците ќе се вратат од одмор на дневен ред на собраниската пленарна седница е Законот за Јавно обвинителство со кој треба да се реши иднината на Специјалното јавно обвинителство за кој опозицијата и власта со месеци не можат да се договорат, а сега паднаа во втор план поради Рекет.

– „Политичките чинители не треба аферата Рекет, која според мене се решава за што зборува и самиот факт дека имаме двајца главни осомничени во притвор, да ја користат како изговор за политички цели на моментов, или дневно политички цели”, вели политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.

Оставете коментар