Демир Капија во црно: Откажани спортските манифестации во чест на удавеното момчето

Во знак на жалост кон момчето од демиркапиското село Бистренци, кое се удави во реката Вардар, откажани се денешните спортски манифестации во Демир Капија, потврди за МИА претседателот на селската месна заедница Живко Шипинковски.

– Со тоа сакаме да му оддадеме почит на 21-годишниот Дарко Митров – Даке, кој прерано не напушти. Вака одлучија Организацискиот одбор од Спортскиот клуб ,,Клисура”, Спортското друштво ,,Голема Богородица” и општината Демир Капија. Воедно до семејството Митрови, во овие тешки моменти за него, изразуваме длабоко сочувство, рече Шипинковски.

Момчето во средата ги напасувало сопствените крави и додека тие пиеле вода од реката, најверојатно, како што изјавија неговите соселани, решило да се разлади. На брегот му останале облеката и телефонот.

Исчезнатото момче со часови го бараа најблиските и соселаните во вода и на копно, полицијата исто така беше на терен, а се вклучија и нуркачи. Безживотното тело на Митров беше пронајдено вчера во реката и беше предадено на обдукција. Погребот е денеска. 

Оставете коментар