Мијалков: Израелци ни поднесоа извештај дека во Скопје се прислушува со уреди кои не се од МВР

Мијалков го потсети сведокот дека израелска фирма во неговата канцеларија им презентирала т.н. тактичка опрема за прислушување и оти тогаш Израелците поставиле уред на прозорецот и отвориле три лаптопи преку кои се фаќале телефонските броеви кои разговарале во тој момент и оти во живо можеле симултано да се слушаат 30 луѓе.

Звонко Костовски, еден од вработените во УБК кои ги открија „бомбите“ денеска во Кривичниот суд продолжи да сведочи во случајот за масовното прислушување „Таргет-Тврдина“. Тој денеска одговараше на прашањата на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

– Рековте дека Горан Грујевски и Сашо Мијалков имале компјутер преку кој имале пристап до системот за следење на комуникации. Дали покрај исказот имате и материјален доказ? – праша Мијалков, кој поставува прашања врз база на тоа што Костовски го кажа во одговорите кои на претходите рочишта ги даде на прашањата од СЈО.

– Немам – одговори тој, на што Мијалков прокоментира дека без докази останува да му се верува само на зборот.

Потоа поранешниот директор на Тајната полиција го потсети сведокот на неговиот исказ дека кажал оти аудио материјалите биле префрлани од компјутерот во систем салата на мемориски стик.

– Рековте дека од тој мемориски стик од вашата канцеларија сте ги префрлале материјалите на ДВД цедиња кои сте ги внесувале од надвор и оти истите по снимањето биле изнесувани надвор од МВР. Зошто сте ризикувале да снимате на внесувано ДВД од надвор, да снимате во вашата канцеларија за што е потребно време? Зошто сте презеле ризик да биде изнесувано ДВД цеде кога сте можеле тоа стикче да го ставите во џеб и да го изнесете и целата операција да ја извршите надвор од МВР? – праша Мијалков.

На тоа Костовски одговори кратко дека тој и Ѓорѓи Лазаревски решиле така да работат. Потоа Мијалков продолжи прашувајќи дали тоа значи дека медиумот (ДВД-то) на кој биле преснимани материјалите не може да се докаже дека е снимен во МВР. Костовски возврати дека не може да одговори зашто не е вешто лице, туку дека тоа би можело да го кажат форензички лица.

– Рековте дека поентата на целата операција била да докажете дека целата операција е вршена во МВР. Зошто ја искреиравте целата аудио содржина во формат и на технички начин со кои не може да се докаже дека е снимено во машините ма МВР? – праша Мијалков.

– Тоа вие тврдите дека не може да се докаже, а јас реков дека не знам дали може или не да се докаже. На обвинителството или на судот е да докажат – одговори сведокот.