Појадок тежок 11 карати злато

Денеска за појадок имав мешунка рогач во која имаше 11 семки. Знаете дека во античко време семките од рогач служеле како единица мерка за мерење на злато? Патем, од кога не сте изгрицкале мешунка рогач?

Рогачот се користи во исхраната на луѓето повеќе од 4 илјади години. Најверојатно токму рогачот бил храната од библиските времиња и се смета дека со него се хранел Иван Крстител, па оттаму потекнува и германскиот назив за рогачот – Johannisbrot, што во превод значи лебот на Иван.

Во античко време пак, семките од рогач служеле како единица мерка за мерење на злато. Имено, семките од рогач, без оглед на големината и условите на чување, секогаш имаат еднаква маса од 0,18 грама. Една семка = 1 карат (зрно рогач, грч. = кератион). Овој назив се употребува и денеска за 0,18 грама злато.

Оттука, мојот денешен појадок тежеше 11 карати злато бидејќи во мешунката што ја изгрицкав имаше точно 11 семки. А половина килограм лански рогач (годинешниот сѐ уште не е зрел) на пазарот во Стари Град на Хвар чини 15 куни. Тоа се околу 2 евра, ама има едно купче суви мешунки со фантастичен вкус.

Повеќе за ова на порталот „Арт кујна“.


Оставете коментар